Македонија
5. January 2018 - 13:42

Жалбата на Грујевски на 75, на Бошковски на 65 страници

Врховниот суд во Атина ќе ја разгледува второстепената жалба на двајцата поранешни началници на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Според нивниот адвокат во Грција, жалбата за Горан Грујевски е на 75, а за и Никола Бошковски на 65 страници. Костас Хаѕијоану, говорејќи за солунскиот портал Вориа, како што јавува дописникот на МИА од Атина, тврди дека не било изводливо Советот на судии за само 1,5в ден да ги види сите аргументи и целата документација на 17.000 страници.

адвокат хацијоану

- Ние веруваме во грчкото правосудство, но треба да истакнам дека конкретната одлука има повеќе особености, затоа и подоцна излеговме од судот. Поднесена е жалба за Горан Грујевски на 75 страници, а за Никола Бошковски жалбата е на 65 страници. Документацијата што ја доставивме е 17.000 страници. Регуларно, одлуката требаше да се соопшти два дена по последното рочиште. Овие 15 дена беа поради процедуралниот проблем, бидејќи немаше преведувач. Во рок од ден и пол, човечки не беше изводливо, Советот на судии да ги види сите наши аргументи. Ние веруваме во грчкото правосудство. Веќе имаме поднесено барање за заштита преку политички азил и сигурни сме дека на крај правдата ќе биде задоволена, вели адвокатот Костас Хаѕијоану за порталот Вориа.

Тој додава дека е сигурен дека правдата ќе биде задоволена во Врховниот суд.  

И вториот адвокат на Никола Бошковски и Горан Грујески, Петар Василев потврди дека ќе поднесат жалба до Врховниот суд на денешната одлука за нивна екстрадиција во Македонија.

адвокат василев

- Одлуката на Судот е негативна за одбраната, но ние веруваме во Судот и во правосудниот систем на Грција и неговиот демократски капациет. Затоа ќе поднесеме жалба на оваа одлука и се надеваме дека повисоките инстанци ќе одлучат поинаку, бидејќи имаме многу аргументи на наша страна и затоа што сметаме дека ова е политички процес. Тие се невини според Кривичниот законик. Затоа се надеваме дека одлуката на повисоките инстанци ќе биде правична за нашите клиенти, вели Василев..

И соопштувањето на одлуката, исто како и сослушувањето, беше зад затворени врати.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември, процес кој може дополнително да ја забави евентуалната позитивна одлука за екстрадиција во Македонија.

Грујевски и Бошковски, кои се меѓу обвинетите од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, за кој денеска беше одложено рочиштето во Кривичниот суд во Скопје, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври лани, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.