Бизнис
3. November 2017 - 16:19

Зголемената акциза на дизелот ќе ги зголеми услугите и производите на превозниците и земјоделците

Покачувањето на нафтената акциза ќе донесе бран поскапувања. За догодина се очекуваат повисоки цени за јавниот и такси превозот како и сите транспортни услуги општо.

Ќе пораснат и трошоците на земјоделците кои го користат дизел горивото што најверојатно  ќе доведе до поскапување на крајните производи.

Транспоретрите веќе прават калкулации за колку ќе ја зголемат цената на услугата.  Од заедницата за патен транспорт АМЕРИТ соопштуваат дека промена во патниот транспорт неизбежно ќе има.

-Неопходна е детална анализа  за тоа колку и како ќе влијае зголемувањето на нафтената акциза, земајќи го во предвид фактот дека промената нема да влијае само на транспортот. Во постојана координација сме со нашите членки, и будно ќе ги следиме процесите кои би случиле со оваа промена, соопштуваат од АМЕРИТ.

Повисоката цена за дизелот ги замисли и таксистите. Тие велат дека граѓаните и досега се жалеле на високата цена и барале попусти. А со новината обемот на работа уште повеќе ќе им се намали.

Зголемената цена на дизел горивото директно ќе влијае и на јавниот превоз. Од ЈСП велат дека нивните трошоци ќе се зголемат за 31 милион денари годишно, поради што неминовно ќе биде зголемување на цената на превозот  или пак зголемување на субвенциите што ги добиваат од Град Скопје.

Приватните превозници пак се исплаќани по изминат километар без разлика на висината на цената нафтата. Тие нема да бидат погодени.,

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека покачувањето на акцизата ќе удри директно по џебот на граѓаните. Според нивните пресметки камионите ќе трошат 150 денари повеќе за потрошениот дизел  на секои изминати 100 километри.

-Ако камионот вози 500 километри дневно, низ Република Македонија, тоа се дополнително 750 денари повеќе дневно, или месечно скоро поголем трошок од речиси 20.000 денари, истакна Поповски .

Дури 64 % од вкупната потрошувачка на нафтените деривати отпаѓа на дизелот покажуваат податоците на Регулаторна. Вчера Владата најави дека ќе ја зголеми нафтената акциза за три денари со што директно ќе се зголеми малопродажната цена цена на ова гориво за 3ипол денари. Исто толку ќе поскапи и мазутот и екстра лесното масло за домаќинствата.