Бизнис
15. August 2015 - 13:03

Земјоделците задоволни од владината одлука за признавање на стажот

Лидерите на земјоделците, Љупчо Аризанов од Сојузот на лозари на Македонија „Агротиквешија“, Ефтим Шаклев, од Асоцијацијата на земјоделци и Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци на Македонија ја поздравуваат одлуката на Владата за признавање на стажот на земјоделците од 1978 до 1988 година.

Изразувајќи благодарност до премиерот Никола Груевски, нагласуваат дека оваа Влада секогаш знае да им помогне на земјоделците.

Аризанов потенцира дека со владината одлука се решава голем проблем за оние земјоделци кои плаќале, но стажот не им бил озаконет, а сега, како што рече, тие ќе можат да ги уживаат благодетите од пензијата.

- За запоставениот стаж од поранешните влади и од поранешна СФРЈ од 1978 до 1988 година кога не им беше признат, Владата најде храброст и средства да им го признае стажот на земјоделците кои го плаќаа во тоа време, но не им беше озаконет. Тоа што го прави Владата е голем гест и голем број земјоделци по нова година треба да отидат во пензија со признавањето на овој стаж. Се решава голем проблем на земјоделците кои порано работеле и плаќале, а сега тие ќе можат да го уживаат благодетот на пензијата. Навистина некој мисли за земјоделецот во Македонија, изјави Аризанов.

Според Шаклев, веста за признавањето на стажот предизвикала огромна радост и задоволство кај постарите пензионери-земјоделци кои не можеа да го остварат своето право на пензија.

- На земјоделците на кои им беа платени сите давачки им недостигаше стаж од 10 години, а тие што беа во пензија имаа намалена пензија во износ од 10 - те години кои не им беа признаени како платени, така што оваа вест навистина предизвика радост кај поголем број од постарите земјоделци, на кои им се измирени обврските кон пензиското, истакна Шаклев.

Вељо Тантаров од Сојуз на земјоделци на Македонија осврнувајќи се на положбата на земјоделецот во, како што рече, стариот систем, истакна дека македонските земјоделци на поранешните власти им служеле како робови за да го полнат буџетот на нивните потреби. Потсети дека имало околу 25 даноци кои земјоделците морале да ги плаќаат. Од 2006 година наваму, рече, претставници од Сојузот на земјоделци имале средби и разговори со премиерот Никола Груевски во врска со решавање на најтешките проблеми за земјоделците наследени од стариот систем.

- Побаравме да се намали данокот на додадена вредност на целата земјоделска механизација, на минерални  ѓубрива, семенски препарати, семиња и ред други репроматеријали потребни за земјоделците, како и да претрпи измени  законот за персонален данок со кој се предвидуваше ако земјоделецот зема 100 денари само 35 денари му се трошок, а 65 денари се чиста добивка. Тоа го нема никаде во светот. Чекор по чекор  тие прашања се решаваа. Така, ДДВ-то од 18 отсто за сите земјоделски производи, механизација, препарати... е намален на 8 отсто. Засега таков ДДВ во земјите што не опкружуваат не постои, истакна Тантаров.

Тој смета дека последното барање од Асоцијацијата на земјоделци, од Сојузот на тутунски здруженија и Синдикатот на земјоделци од Кочани од лани да се најде модел за земјоделците кои од 1978 до 1988 година плаќале пензиско осигурување до крајот на овој месец ќе биде реалност и сите овие земјоделци ќе можат тие 10 години да ги искористат за остварување на правото на пензија. 

Премиерот Никола Груевски во вторникот одговарајќи на новинарско прашање по.... рече дека очекува во наредните 10 дена трајно да биде решен проблемот на земјоделците околу пензискиот стаж плаќан по законите од 1978 до 1988 година. 

- Имаше барање од земјоделците за решавање на проблемот со нивниот стаж и на наредната седница на Владата ќе биде предложен закон со кој ќе се реши проблемот за нивниот пензиски стаж од 1978 до 1988 година, рече премиерот Груевски. 

Тој додаде дека во наредните 10 дена очекува законот да биде поставен и на собраниска седница и на тој начин трајно да се реши проблемот. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов вчера на прес-конференција посочи дека Владата на својата последна седница ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои им се излегува во пресрет на барањата на земјоделците во нашата држава. По усвојувањето на овој закон од Собранието, ќе се создадат законски можности неколку стотици индивидуални земјоделци да се стекнат со старосна пензија.

Спасов појасни дека со ова законско решение, кое ќе почне да се применува од 1 јануари 2016 година, им се излегува во пресрет на барањата на здруженијата на земјоделци, синдикатите и голем број на граѓани. 

- Со овие измени се предлага да се воведе законска можност на земјоделците да им се смета во нивниот стаж и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во перодот од 1978 до 1988 година. Со тоа би се создале можности за исполнување на минималните услови за остварување право на старосна пензија (15 години пензиски стаж), рече Спасов. 

За оваа мерка, додаде Владата ќе одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво за исплата на пензии. 

- Ако осигуреникот нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија,  ќе се смета времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците кој се применуваше од 1978 година до 1988 година, доколку бил пријавен во осигурување и придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на Законот за старосно осигурување на земјоделците и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, до исполнување на условот од 15 години стаж на осигурување доколку бил пријавен во задолжително социјално осигурување по 1 јануари 1989 година, појасни Спасов.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот рече дека со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 400 земјоделци.