Бизнис
30. May 2024 - 16:29

Земјите од Западен Балкан потрошиле 3,5 милијарди долари за антикризните мерки

Македонија да го зголеми домашното производство на струја и храна, порачаа експертите на денешниот форум насловен „По бурата: Управување со прехранбената и енергетската стабилност во Западниот Балкан“.

Кризата ги погоди сите, па неопходно беше воведување на антикризни пакети. Според проценките, само за таа намена Западен Балкан потрошил 3 и пол милијарди долари. Земјава, пак, потрошила 3,2% од БДП како субвенции за струја.

Доколку сакаме во иднина да креираме поголема самоодржливост и поголема отпорност на земјите од Западен Балкан неопходни се реформи. На краток рок, потребно е дополнително таргетирање на социјалната поддршка. Исто така, потребно е намалување и укинување на субвенциите за електрична енергија. На среден и долг рок, треба да се фокусираме на зголемување на домашното производство на електрична енергија од една страна и од друга страна зголемување на домашното производство на храна“ – Благица Петрески, извршна директорка на „Фајненс тинк“

Државите преземаа слични антикризни мерки, но засега не може да се каже која, како и колку успешно се справи со ценовната бура. Според бројките, сиромаштијата во Босна и Херцеговина пораснала за 4%. Но, отпорни не останаа ниту поразвиените земји.

Норвешка е една економски силна земја и има силен енергетски сектор, меѓутоа и ние се соочуваме со предизвици кога станува збор за увозот на храната. Особено имајќи ги предвид новите технологии и енергетски интезивните индустрии“ - Кристин Мелсом, амбасадорка на Кралството Норвешка во Македонија

Земјите од Западен Балкан во голема мера користи јаглен, а тоа повлекува огромни трошоци оти капацитетите на кои работат се стари и мора да се заменат со обновливи извори.

Една од најважните лекции кои ги научивме од кризата е колку е важно да се воведат се повеќе обновливи извори на енергија. Да не зависиме само од гасот кој потекнува од едно место на светот“ - Кори Удовички, Претседателка на УО и главен економист во ЦЕВЕС

Енергетскиот сектор изминативе години беше мета на честа критика од познавачите, а и во еден од последните извештаи, Државната ревизија нотираше дека земјава располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производството на електричната енергија.