Бизнис
22. јуни 2024 - 16:38

Анализа: Како се случи енергетскиот колапс во регионот?

Енергетскиот колапс кој со часови ги остави без струја Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и делови од Хрватска ќе се истражува со месеци. Засега сомнежите се дека потрошувачката нагло скокнала, па некои далноводи испаднале од мрежа. Нејасно е и од каде почнал проблемот кој засегна 4 држави.

Универзитетскиот професор Константин Димитров вели производството и потрошувачката на струја во ист момент мора да е еднакво. За баланс се надлежни посебни служби кои не смееле да дозволат проблемот од една земја, да се прелее и во друга. Токму затоа тој смета дека за хаваријата удел има и човечки фактор, оти не било реагирано на време.

Што можело да се случи има претпоставки колку сакате ама ајде да направиме и ние едно сценарио. Од Грција кон Албанија, или Хрватска, Босна, се испорачуваат илјада или 10 илјади мегавати. И таму има голема количина сончева енергија. Одеднаш облаци дошле. И однеднаш немате во мрежата, ви фалат, 300-400 мегавати. Додека диспечерите во Албанија не реагирале на време, системот не може да ги задоволи. Турбините кои биле вклучени почнуваат да вртат со поголеми вртежи и се вклучува автоматската заштита. За да не дојде до хаварија, автоматски се исклучува мрежата. Системот по домино ефект паѓа еден по еден. Една по една централа се исклучуваат. Истото е ако дојде и до големо оптоварување. Се поспоро вртат роторите на машините и одеднаш фалеле 300 сега се вклучила централа, фалат 400 и се исклучува се“ – Константин Димитров, енергетичар

Дека станува збор за преоптоварување на мрежата вели и црногорскиот министер за енергетика.

Проблемот произлезе од многу големо оптоварување, односно зголемување на дневното оптоварување од една страна и многу високи температури од друга страна. Кога ги имате овие две меѓусебно поврзани причини, имате ситуација кога не можете правилно да пренесувате електрична енергија преку далноводите. Линиите се преоптоваруваат, што резултира со испад. Кога една електрична линија се спушта, друга линија се преоптоварува и така натаму“ – Саша Мујовиќ, министер за енергетика на Црна Гора

Од прекинот на струја проблеми имаа сите. Најмногу оние кои останаа заглавени во лифтови и возачите кои беа затекнати во метеж поради исклучените семафори. Но, не помалку засегнати беа и фирмите.

Струја снема во нашето најфреквентно време, кога кафеаната беше претежно полна, што ни направи значителни проблеми и компликации. Во тој момент, не бевме целосно во можност да ги обезбедиме артиклите што ги продаваме; не можевме да направиме кафе, не можевме да послужиме пијалоци, а гостите мораа да одат на други места“ – сопственик на кафуле

Два часа немавме струја. Ја напуштив канцеларијата затоа што не можев да продолжам да работам“ – програмер

Се разбира, бевме непријатно погодени од прекинот на струја во оваа жештина. Немаше струја , немаше клима и беше жешко“ – граѓани

Вчерашната хаварија не се прелеа во Србија, а првиот човек на македонската регулаторна комисија кажа дека МЕПСО ги активирал сите механизми за да не се почувствува домино ефектот. Сличен инцидент имаше и во 2007-ма, но тогаш и Македонија на два часа остана без струја.