Македонија
11. February 2024 - 16:51

Здружение на инженери со претставка до Комисијата за заштита од конкуренција за грчки „Митилинеос“

Здружението на инженери по дописите до пратениците, утрово испрати и претставка до Комисијата за заштита од конкуренција за грчки „Митилинеос“. 

Во рацете на оваа Комисија е одлуката за тоа дали ќе биде доделена државна помош од 50 милиони евра на грчкиот инвеститор за изградба на гасна централа во „Железара“.  Според инженерите, тоа би ги направило неконкурентни другите производители. 

„Тоа не е единствена помош во рамките на овој проект. Има сериозни други помошти кои Владата планира да му ги даде на стратешкиот инвеститор, а тоа се пред се загарантирана цена за сите количини што ќе ги откупува, значи сета струја и сета топлина државата се обврзува да ги откупува и тоа по цени од 15 до 35% повисоки од берзанските“, изјави проф. Атанаско Туневски 

Наместо производителот, Македонија се обрзува да му ги плаќа сите ЦО2 давачки на грчкиот инвеститор. Професорот Туневски за Сител вели дека цените на проектот биле „напумпани“. Електраната не била 290 милиони евра, туку 190 милиони. 

„Овој инвеститор е заштитен како бела мечка, заштитен на начин каков што никој друг не е. Што и да направи, каква и штета да предизвика Македонија ја плаќа. Ако Македонија не ја преземе количината на енергија, тогаш сепак мора да ја плати. Значи ќе плаќаме за струја и топлина што нема да ги преземаме. Секоја штета ја плаќа Македонија, ни една штета не ја плаќа инвеститорот'', истакна Туневски.

Инаку и министерот за економија на прес-конференција претходно најави дека два од четирите договори за стратешко партнерство во енергетиката ќе се повлечат, оти не може да добиваат и директна државна помош и да им се откупува целата струја на компанија која ќе биде на лиценцираниот пазар..