Заврши стручниот надзор на Детска за починатото седуммесечно бебе – Таравари не сака да избрзува со заклучоци
Заврши стручниот надзор за починатото седуммесечно бебе на Детската клиника. Четворица професори меѓу кои педијатар и анестезиолог во текот на денот ја проверувале документацијата како било третирано детето, по што треба да изготват извештај и да му го предадат на министерот. Таравари не сака да избрзува со заклучоци пред да го слушне мислењето на експертите.
Во меѓувреме опозицијата и денеска бара оставка од министерот и разрешување на директорот на Детска, но и одговорност за како што тврдат 20 починати деца за 6 месеци.
- Министре Таравари, директоре Мемеди, време е да преземете одговорност. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и итно преземање мерки за спречување на ваквите трагедии, стои во соопштението од опозициската партија.
- Зошто министерот за здравство, Арбен Таравари, продолжува со политички калкулации и ги занемарува апелите на јавноста за разрешување на Реџеп Мемеди? Дали кланот Мемеди има доволно голем импакт во одржувањето на неговата политичка позиција до степен што министерот е подготвен да жртвува млади животи? прашуваат од Левица.
Вчера и од Дуи бараа оставки од двајцата. Таравари им одговори дека немаат морален кредибилитет да обвинуваат и негираше дека има зголемена смртност на Детската клиника. Според него претходните години имало повеќе починати деца.
- Не е точно дека има 20 починати, партија на која и се случи модуларната болница во Тетово, нема моралчен кредибилитет да обвинува, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
За случувањата во Клиниката Козле министерот се уште не одлучил како ќе постапи, по меѓусебните обвинувања на дел од специјалистите со директорката.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар