Македонија
28. May 2020 - 16:38

Започна скринингот на вработените во градинките во Прилеп

Денеска и утре ќе се изврши скриниг на 230 вработени во градинките во Прилеп, Крушево, Македонски брод и Кривогаштани. Тестирањето се спроведува со посебен протокол, а земањето на материјалите се организира по теренски принцип, односно во објектите на самите градинки. 

„После завршувањето на тестирањето сите брисеви се носат во Институтотт за јавно здравје во Скопје во во вирусолошката лабораторија и некаде од 24 до 48 часа очекуваме дека ќе бидат готови резултатите од направените тестирања“, истакна Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје од Прилеп.

Протоколот како во иднина ќе работат градинките деновиве требало да го изготви Министертсвото за труд. Се очекувало да започнат со работа на 15 јуни, а поголемиот дел од времето децата да го поминуваат на отворено. 

„90% од времето децата ќе бидат надвор. Затоа ги подготвуваме и тревните површини и дворовите. И само 10% од времето ќе бидат на затворено во установата, односно само за спиење, доручек и ручек. Ќе се обезбедат термометри на далечинско мерење на температура. Нема повеќе родителите да влегуваат внатре во градинките, туку надвор наш персонал ќе ја мери температурата, доколку таа е во ред и со тестирање на вработените да имаме целосна контрола и хигиена. Извршена е целосно дезинфициирање на играчките и на дидактичката опрема“, рече Орце Тодороски, директор на градинките „Наша Иднина“ – Прилеп.

Инаку досега во Прилеп се регистрирани 211 позитивни на Ковид 19, денеска нема новозаболени, тројца се оздравени, има 44 активни случаи, од кои 27 на домашно лекување, а 17 на болничко. Досега во Прилеп се направени околу 1.000 тестови.