Македонија
24. December 2015 - 13:27

Запленети 26.849 парчиња петарди и други пиротехнички средства

Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје, полициските станици од општа надлежност „Центар“ и „Бит пазар“, како и Единицата за прв одговор и интервенција „Алфа“, во текот на овој месец запленија 26.849 парчиња петарди и други пиротехнички средства за што ќе бидат поднесени кривични пријави против две лица од Скопје, а веќе се поднесени четири барања за поведување прекршочна постапка против исто толку скопјани.

Како што информира МВР, Едниницата за недозволена трговија, по претходно изработен план за преземање на мерки и активности за сузбивање на препродажба на експлозивни материи реализира две кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ при што се пронајдени и одземени вкупно 23.100 парчиња пиротехнички средства.

- Во првиот случај кај А.И. (59) од Скопје, при извршен преглед и претрес на моторно возило на улица „Славеј Планина“ пронајдени се и одземени вкупно 10.600 парчиња пиротехнички средства, додека во вториот случај М.М. (29) од Скопје е забележан при пренесување на пиротехнички средства во количка на улицата „Отокар Кершовани“ и по извршениот преглед, пронајдени се и одземени 12.500 парчиња различни видови на петарди и пиротехнички средства, соопшти МВР.

На подрачјето на полициската станица Центар, регистриран е еден настан на нелегална продажба на пиротехнички средства, прекршок казнив по член 69, став 4 од Законот за заштита од експлозивни материи, за што до надлежниот Суд за прекршоци се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка против С.К. (20), Б.О. (20), Ф.С. (26) и еден 14 годишен малолетник, кај кои на 15. овој месец при направен личен пеглед на крстосницата меѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Мисирков“, пронајдени и одземени се 326 парчиња петарди и пиротехнички средства.

На подрачјето на полициската станица Ѓорче Петров, по преземани мерки и активности за сузбивање на нелегалната продажба на експлозивни материи, на 10. овој месец во продавница во село Волково сопственост на Б.С. (46), одземени се вкупно 3.423 парчиња пиротехнички средства.