Запалените оџаци најчеста пријава за пожарникарите во Битола
Неисчистените оџаци се една од главните причини за пожарите во оваа грејна сезона во Битола. Од 51 интервенција на битолската противпожарна единица во јануари оваа година, во 34 случаи интервенирале на пожари предивикани токму од неисправни или неисчистени оџаци.
- Тоа е појава за која мора граѓаните сами да се погрижат, затоа што е активност која не ги оптеретува многу самите граѓани, но може да предизвика катастрофална последици за нив, вели КОСТАДИН ПОПОВСКИ, КОМАНДИР НА ТППЕ-БИТОЛА.
Согласно правилникот, домаќинствата треба да ги исчистат оџаците два пати за време на грејната сезона и еднаш надвор од сезона.
- Првата причина зошто може да дојде до пожар е наталожување на саѓи, односно јаглен моноксидот во црвста состојба. Тоа наталожување настанува од неисправните грејни тела и влажните дрва. Со грејната сезона, се зголемува и загадувањето на амбиенталниот воздух, а главната причина 90 % од загадување на амбуенталниот воздух со ПМ честички се оџаците, односно, од компонентата оџак, чадоводни канали и материјалот кој се користи за загревање, вели Поповски.
Поповски вели дека затоа е потребно оџачарството како комунална дејност да заживее по примерот на соседните земји. Согласно програмата за животна средина на Општина Битола, годинава се предвидува субвенционирање на домаќинствата за редовно чистење на оџаците.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
