Македонија
20. November 2019 - 16:43

Заев: Ветинг е неопходен кај судии, обвинители, но и политичари и директори на јавни установи

Протресување на судии, обвинители, но и на политичари и директори е неопходно за целата држава, но треба да се одбере и вистинскиот начин како тоа да се направи, вели премиерот Зоран Заев откако и еврокомесарката за правда Вера Јурова потврди дека и Брисел очекува ветинг, особено во правосудството.

Премиерот вели дека во процесот на прочистување ќе помогне и самиот процес на евроинтеграција, но и дека за него има позитивни сигнали и од опозицијата.

-Нашиот народ очекува протресување на судии, обвинители, политичари, директори… Тоа треба добро да се организира. Поучени од искуството од Албанија треба да знаеме дали сме подготвени, да се анализира за да не останеме без судии и обвинители. Ветигот е наша обврска како општество. Не мислам дека политичарите не треба да го спроведуваат ветингот. Мора да се помине низ тој процес. Во иднина очекуваме низ поглавјата да имаме трансформација на нашето општество. Мора да се протресеме сите, да се знае дека ако сме влезени да и служиме на државата, треба транспарентно да ги дадеме сите наши податоци и за нашето семејство за да го отстраниме личниот интерес, изјави премиерот Зоран Заев.

Заев потсетува дека реизборот во правосудството е негово предизборно ветување, но досега не се реализирал бидејќи државата нема капацитет да ги пополни испразнетите места на судиите и обвинителите кои би биле опфатени со ветингот.

-Ние по систематизација во правосудството имаме 750 судии, а во моментот има 520. И ако се случи стотина да не може да го поминат ветингот ние немаме од каде да ги надополниме тие стотина, а не пак другите 200. Академијата има „тесно грло“ и не продуцира многу луѓе, смета Заев.

Заев спасот го гледа во кадри со над пет години искуство во правото, адвокати, универзитетски професори.

Пред два дена еврокомесарката Јоурова рече дека и Брисел во правосудството очекува професионалци и лица со морален интегритет.

Иако министерката за правда Рената Дескоска и Заев најавуваат дека ветингот на правосудството ќе почне наскоро, извесно е дека тој ќе го чека исходот од изборите во април. Засега почнато е само проветрување во безбедносните служби и МВР, иако опозицијата има забелешки за тој процес.