Македонија
29. August 2021 - 8:28

Заев: Учесниците во далечинско пливање во Охрид ја оправдаа одлуката на ФИНА нашата земја да биде организатор на оваа олимписка дисциплина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев се обрати на свеченото доделување на наградите на финалето на Светскиот куп во олимписката дисциплина далечинско пливање 10 километри што се одржа во Охрид во организација на Пливачката федерација на Северна Македонија со поддршка на Светската пливачка федерација (FINA).

На овогодинешниот Светски куп во далечинско пливање во  Охрид учествуваа над 50 машки и женски натпреварувачи од земјата и светот, а Светската пливачка федерација на премиерот Заев му врачи плакета во знак на благодарност за поддршката за организација на ова натпреварување во Северна Македонија како земја која е препознаена како една од петте земји во светот во кои годинава за прв пат се организира официјална трка.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на свеченото доделување на наградите, во целост:

„Најпрво, сакам да ги поздравам и да упатам честитки до победниците и до сите учесници и учеснички на Финалето на светскиот куп во олимписка дисциплина, далечинско пливање 10 километри, кое се одржа денеска во Охрид.

Вие, почитувани присутни маратонци и маратонки сте најголемите херои и ентузијасти.

Покажавте дека и во време на ненадејно појавената здравствена и економска криза можете да тренирате, да ги надминувате своите и да освојувате нови рекорди.

Благодарејќи ви вам, на спортистите, вашите тренери и блиски, со помош на организаторите, Комитетот за далечинско пливање – Охрид, кој е дел од Пливачката федерација на Република Северна Македонија и од Светската пливачка федерација – ФИНА, нашата држава е препознаена како една од само пет земји во светот, во која годинава за прв пат се организира официјална трка, Финале за освојување на Светскиот куп во олимписката дисциплина далечинско пливање на 10 километри.

Нашата земја, која е пријателска и солидарна, е позната во светот и по своите природни убавини и вие почитувани учесници на денешната меѓународна трка сте нашите амбасадори, кои во своите земји ќе ги пренесете своите впечатоци од нашата култура и гостопримство.

Како Влада, и преку Агенцијата за млади и спорт, а во соработка со младинските организации  уште од првиот мандат во 2017 година креираме младински политики и одвојуваме значителни средства наменети за континуирана поддршка и обезбедување квалитетни услови за работа на спортистите и спортските федерации.

Ќе ја споменам само, одлуката на Владата за одобрување на 184,5 милиони денари, односно околу 3 милиони евра од програмите за ковид мерките за спортистите и спортските федерации за непречено спроведување на нивните активности и во вонредни услови, предизвикани  од пандемијата со КОВИД-19.

Вие, почитувани учесници на денешното финале на Светскиот куп во олимписка дисциплина, пливање 10 километри денеска имате посебно и значајно место.

Навистина е импресивно, бројното учество и покажаниот интерес на над 50 пливачки и пливачи од повеќе земји на оваа меѓународна пливачка манифестација.

Занимавајќи се со спорт, вложувајќи во своите спортски резултати, вие го ширите позитивното влијание на основните животни вредности, а тоа се социјалната вклученост, почитувањето на различностите, толеранцијата, тимската работа и лидерството, кои може да се сметаат како најголема награда за напорната работа и постигнатиот резултат.

Ја користам уште еднаш приликата, почитувани учесници во денешната пливачка трка, да ви честитам за денешните резултати, со желба за остварување на вашите индивидуални соништа и што повеќе признанија на вложениот труд и резултати!

Со среќа и во иднина!“

 
Влада на Република Северна Македонија