Бизнис
9. February 2019 - 16:38

Заев ги уверуваше жителите на Иловица дека нема да дозволи рудник кој ќе создава цијанид

За владата нема позначаен приоритет од здравјето на граѓаните, перспективите на регионот, но и желбата децата да останат да живеат тука, порача премиерот Зоран Заев од средбата со граѓаните на Иловица и Штука организирана поради изградбата на рудникот за бакар и злато на Огражден.

Заев потенцираше дека го слушаат гласот на народот и одлуките се носат да бидат корисни за сите и за економскиот развој но и заштитата на животната средина.  Токму тоа била и целта на средбата владата да ги пренесе сите информации што ги има за да нема шпекулации, но и да го слушнат нивниот глас на граѓаните.

,,Во овој еве 20 месечен период, се променија многу работи. Имаше дадено концесија овде, со цијаниди, со други отровни супстанции, кои што и те како поради гласноста на граѓаните ги принудија политичарите, како што сум и јас, да ги промениме работите. Целиот технолошки процес е променет, повеќе нема цијаниди и опасни материи во обработката на рудата, но донесовме и нов Закон, во кој што се забранува употребата на цијанидите и опасните супстанци, така да многу работи денеска се сменети. Во едни вакви околности, ние мораме да бидеме најпаметни и да донесеме одлука“, рече Зоран Заев, претседател на Владата на РМ.

Жителите од селата под Огражден остануваат скептични и стравуваат дека изградбата на рудникот негативно ќе се одрази како врз здравјето на луѓето, така и врз целокупната животна средина, а посебно земјоделието.

,,Тоа е земјоделски крај во кој нема да може ниту тутун, ниту пипер, ниту феферонка да се посади“, вели Нано Шопов, жител на Иловица.

,,Тоа е самоубиство за овие луѓе од овој дел на струмичката котлина. Да го потцениш тоа земјоделско производство, а го потценивме затоа што немаме земјоделска наука ние да произведуваме. Многумина не знаат и немаат сознанија што е тоа богатство горе како природа“, вели Борис Зекиров, жител на Ново Село.

,, Чудовишната брана од 276 метри или околу 95 спратна зграда вака да го кажеме е огромна опасност“, вели Костадин Ристоманов, од „Здрава котлина“.

Средбата на која присуствуваа и министерот за економија и градоначалникот на општина Босилово имаше само информативен карактер и на истата не беа донесени никакви заклучоци.