Македонија
17. September 2018 - 16:36

Заев без докази за мешање на Русија во референдумот

Нема докази за руско влијание во Македонија преку дезинформации или лажни вести, рече премиерот Зоран Заев, на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, која се одржува во Скопје. На конференцијата “Денови на медиумите ЕУ-Западен Балкан”, Заев посочи дека е запознаен со информации за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи, но и од традиционалните медиуми, но засега нема идентификувано земји кои ги шират.

Заев дополни дека најдобра борба против лажното новинарство е саморегулацијата на медиумите. Клучот е во новинарската фела, да се држи до етичките и морални стандарди, нагласи премиерот.

Говор имаше и еврокомесарот Јоханес Хан, кој истакна дека новинарската слобода е еден од столбовите на демократијата. Осудувајќи ги нападите врз новинарите во регионот, потенцираше дека ЕУ со голема посветеност работи на поддршка на медиумите.

Најважна е безбедноста на новинарите. Западен Балкан бележи значаен напредок во споредба од пред 10-ина години иако има уште долг пат да се изоди.

На дводневната конференција Денови на медиуми - ЕУ Западен Балкан“ учествуваат околу 300 гости и новинари од регионот, кои дискутираат за тоа како да се дојде до независно, одржливо и професионално новинарство.