Македонија
26. December 2024 - 16:38

Приватните превозници возат редуцирано – ги чекаат парите од Град Скопје

Дел од приватните превозници возат редуцирано. На скопските улици не сообраќаат дел автобуси од вториот и третиот пакет, бидејќи немаат пари. Се уште чекаат на сметките да им легнат финансиите од Град Скопје, откако на седница беше одлучено за 20 денари да се зголеми цената по изминат километар. Во полн состав сообраќаат само возилата од првиот пакет на приватни превозници. 

На последната седница, Град Скопје без ниту еден глас против, донесе одлука да се зголеми цената по изминат километар за приватните превозници. Со ова, цената која ја плаќаат граѓаните за месечен билет не се менува. 

Во меѓувреме се смири и револтот кај студентите. Бесплатниот превоз за нив ќе продолжи и следната година. Од Владата за Сител велат дека на седница која ќе се одржи на последниот ден од 2024 година, 120 милиони денари од буџетот ќе ги релоцираат кон ЈСП Скопје. Сума која ќе ги обезбеди идните академски граѓани да се возат бесплатно една година. 

Се прават напори од март, следната година студентите на предавање да стигнат и со електрични автомобили. Министерката за енегетика, последно најави дека ќе има серија средби со декани на факултетите, за овие возила на Авант кар да бидат достапни за студентите, со чие користење би се подобрил квалитетот на воздухот.

Во првата фаза на користење на овие автомобили се очекува 1.500 скопјани да ги продадат своите возила, а ќе бидат и поевтино од такси.