Бизнис
27. September 2016 - 19:44

Заев бара владата да направи интервентен откуп на грозјето во Тиквешијата

 Лидерот на СДСМ Зоран Заев при денешната посета на Тиквешијата изјави дека состојбите  во Македонија со откупот на грозјето се лоши и оти им е неопходна помош на лозарите.

- Тиквешијата е во немилост. Навистина на нашиот народ му треба помош. Верувам дека е ист случајот и во малите региони каде во моментов се бере грозјето и се пласира на откупните пунктови, рече Заев по средбата со лозари во Кавадарци. 

Според него, тиквешкиот регион годишно произведува околу 130 милиони килограми црно и бело грозје, а половина од грозјето годинава нема да се откупи.

- Тоа е само по себе сериозен индикатор дека народот ќе остане без пласиран род и без пари за егзистенција. Овде сме денеска да испратиме порака до Владата на Република Македонија, за некои работи да застанеме заедно. Директно ја охрабруваме Владата да направи интервентен откуп на педесетина милиони килограми грозје кои се останати во тиквешкиот крај и цела Македонија. Се работи за интервенција со не повеќе од десет милиони евра. Самото панорамско тркало е околу 18 милиони евра, ако не и повеќе. Сите непродуктивни трошоци кои се трошат одат во неповрат. Имаме наши граѓани на кои треба да им помогнеме. Јас верувам дека ќе се смогнат сили да се откупи ова грозје и да се складира. Дел по дел да биде преработено во вино и да се продаде на пазарите ширум светот. Само на овој начин може овде да се помогне, рече Заев.  

Тој смета дека е стимулирачка последната мерка на Владата за субвенции од по три денари за килограм за винариите кои ќе откупат повеќе од шеесет проценти од ланското грозје, но, според него таа не дава резултати. 

- После декември, државата директно ќе биде вклучена со интервентен откуп, во организација на пласманот на земјоделското производство, вклучително и на грозјето. Тоа значи дека триесет дена пред откупот ќе се знаат цените. Субвенциите ќе дојдат навремено и тоа во февруари, најдоцна во март, кога им требаат на лозарите. Државата  ќе формира посебни агенции за грозје, градинарски производи, овоштарски производи, жито и тутун, додаде меѓу другото Заев.