Бизнис
1. July 2016 - 14:39

Задругите - иднина на македонското земјоделство

Македонското задругарство е се уште далеку од концептот на вистинско, модерно и ефикасно здружување. Земјоделците и натаму гледаат на него со недоверба зашто мислат дека, како во минатото, ќе им бидат одземени имотите. Помладите генрации, сепак, ги сфаќаат придобивките од заедничкото делување - поголемо и поквалитетно производство, постигнување повисока цена и набавка на поевтини репроматеријали и механизација.

Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во денешното обраќање по повод Меѓународниот ден на задругарството. 

- Тешко оди здружувањето со оглед на искуството од минатото кога задругите се формираа присилно. Тоа остави траг кај земјоделците бидејќи насилно им се одземаа имотите. Сега немаат доверба дека со формирањето на задругите остануваат сопственици на своите површини, напомена Цветков.

И покрај сериозните чекори што се преземаат во оваа насока, не можеме, рече, да бидеме задоволни од мотивацијата и интересот на земјоделците, бројот на постојните задруги, нивната функционалност и учество во вкупната трговија со земјоделски производи. 

- Реално сме се уште на самиот почеток на развојот на концептот на ефикасно, модерно задругарство кое треба  да ги направи земјоделците вистински фактор во вертикалниот ланец на вредноста и да им овозможи да го заземат местото кое им припаѓа, посочи министерот.

Македонија моментно брои 32 земјоделски задруги од кои седум со голем обем и 25 помали. Нивниот вкупен производен капацитет е 990 хектари обработлива површина, 260 пчелни семејства, 450 говеда, 200 кози и 250 овци.

За задругите, подвлече министерот, годинава се обезбедени 2,1 милион денари поддршка.

- Предвидено е да се поддржат инвестиции за основање и функционирање на задругите, набавка на механизација со 90 отсто од вкупната вредност и осигурување на производството, потенцира Цветков.

Согласно националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014 - 2020 година, покрај на финансиска поддршка, особено внимание се посветува и на надминување на слабостите кои го кочат процесот на здружување.

- Ќе се отстранат правните и административните бариери за формирање и успешно функционирање на задругите посебно во делот на фискалната сфера, ќе се обезбеди советодавна поддршка и ќе биде воспоставен постојан систем за обука на менаџери на задругите, информира Цветков.

Поддршка ќе биде обезбедена и за формирање повисоки форми на задруги - групи или организации на производители со позначително учество на пазарот, како и преку ИПАРД 2 проектот вреден 1,8 милиони евра, проект кој треба да се реализира идната година. 

Министерот порача дека задругарството е и најбрз начин за окрупнување на парцелите. 

Според претседателот на Македонската асоцијација на земјоделските задруги Миле Ивановски, задругите се иднината на македонското земјоделство. Придонесуваат за одржлив развој, а економскиот бенефит е загарантиран.