Бизнис
20. March 2020 - 14:24

Забранет извозот на пченица и брашно

Забранет извоз на пченица и брашно од земјава. Целта на оваа владина одлука е да се обезбеди доволна количина брашно во услови на зголемена побарувачка предизвикана од прогласувањето на пандемија.

Оваа владина одлука ќе биде со важност до 30 април.

“Би сакал да напоменам и да ги уверам граѓаните дека храна има, целата прехранбена индустрија е мобилизирана и нема простор за паника”, порача министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Министерството за земјоделство бара решение и за откупот на јагниња, бидејќи сега извозот се одвива со забавено темпо поради проблемот со транспортот, а шпицот за извоз на јагнињата е за околу десетина дена.

“Во постојана комуникација сме со откупувачите и освен традиционалните пазари, како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извозот на јагнето. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја следи состојбата и секако, доколку има потреба, со соодветни мерки ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите”, вели Трајан Димковски, министер за земјоделство.

Од безбедносни причини сточните пазари се затворени, но земјоделските аптеки ќе продолжат непречено да работат, со цел земјоделците да можат да се снабдуваат со сè што им е потребно за работа.