Македонија
8. October 2024 - 12:16

За пациентките од крајниот исток нема можност за преглед на мамограф во ЈЗУ

Раната детекција е најважна во борбата со карцином на дојка. Меѓутоа, пациентките од крајниот исток неколку месeци останаа без мамограф во јавните здравствени установи. Мамографот во Македонска Каменица е надвор од функција, во Берово ехо апаратот не работи, а поради преголемо зрачење мамографот е забранет за употреба. Во Делчево се вршат прегледи само во приватните ординации.

Жените се приморани да патуваат до општата болница во Кочани или до штипска Клиничка. Од Организација на жени од Свети Николе алармираат дека старосната граница за карционом на дојка постојано се намалува, а бројот на новозаболени се зголемува.

- Бројката се зголемува. И за жал што е најчудно, не знам што е причината што имаме и многу млади пациентки, жени т.е девојки. Еве на пример од последните информации од Министерството за здравство имаме и дваесетгодишна девојка која е оперирана од карцином на дојка, изјави Даниела Панева од Организацијата на жени на Свети Николе.

Свети Николе долги години важеше за град со најмногу заболени, но и со најголем процент на морталитет кај жените заболени од карцином на дојка. Пред неколку години од  светиниколската Организација на жени, побара да се направи научно истражување и да се утврдат причините, но процесот бил стопиран. Минатата година од карцином на дојка во земјава починале 346 жени. Податоците на Центарот за јавно здравје укажуваат дека има тренд на пораст на морталитетот кај овие пациентки.