Македонија
23. July 2019 - 20:24

За измените на собранискиот Деловник ќе се гласа утре

Во Собранието утре напладне, на продолжението на 106-тата седница, ќе се гласа по Предлог-деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија, кој се носи по скратена постапка. Според предлагачот – претседателот на Собранието Талат Џафери, измените придонесуваат за целосна примена на Законот за употреба на јазиците.

За оваа точка од дневниот ред на 106-тата седница реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, според кого со носење по скратена постапка не се почитува процедурата и не е во согласност со процесот „Жан Моне“ во кој политичките партии, како што рече,  консензуално се договраат за донесување деловник во Собранието.

Го праша предлагачот Џафери зошто предлогот за измени содржи дел од незатворени прашања од  процесот „Жан Моне“ и не им  е оставено на пратеничките групи заедно и консензуално да го донесат.   Сите поголеми работи, рече Мицевски, се донесени или по скратена постапка или со непочитување на процедурите на законодавниот дом

-Вие исто како и за Законот за јазици, за кој ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35 563 амнадмани, ја игнориравте волјата на пратениците и една од алатките, а тоа е поднесување амандмани. Овие прашања не беа разгледани, амандманите беа ан блок отфрлени и се донесе законот за јазици на начин на кој се донесе. Вие денес продолжувате со истата тактика и по скратена постапка барате донесување измена на Деловникот. Немаме против употребата на јазици кои ги зборуваат другите националности во Македонија, но имаме против начинот на кој се донесе и Законот за јазици и  Деловникот кој денеска го предлагате, рече коодринаторот на опозициската партија.

Џафери одговори дека Законот за употреба на јазиците донесен во 2018 година е во сила и дека со него  начелно е предвидена законска обврска  во рок од шест месеци да се усогласат подзаконските акти на Собранието.

– Врз основа на одредбите од Законот за употреба на јазиците, јас раководам и претседавам со Собранието на албански јазик, а Деловникот ги утврдува постапките и процедурите. И поради тоа, бев  внимателен да не извршам притисок за ова прашање во текот на овие шест месеци кои беа рок, рече Џафери. На координаторите на пратеничките групи им порача да обезбедат мнозинство од 61 пратеник за утре да се гласа за измените и дополнувањата на Деловникот.

Собранието попладнево по скратена постапка донесе закон за основање јавно претпријате Македонска радиодифузија,  како и законите за правда за децата, за земјоделство и рурален развој и Закон за пожарникарство.