Македонија
23. April 2022 - 16:38

За една година 35 милиони евра потрошени за лекување на ковид пациенти

Само за една година Ковид пандемија, во 2021-ва државата потрожила 35 милиони евра за лекување на пациенти позитивни на вирусот.

Според податоците од Фондот за здравство минатата година во државните болници и клиники биле лекувани близу 24.000 пациенти. Нема податоци за приватните установи, зошто таму граѓаните си плаќаа од свој џеб.

Најмногу пациенти 13.788 со Ковид во 2021-ва имало во општите болници вклучително и во ГОБ 8 септември каде просечно пациентите биле хоспитализирани по 10 дена. За здравствени услуги за толкав временски период Фондот за еден Ковид пациент и префрлил на установата околу 1000 евра.

Лани во Инфективната клиника на болничко лекување имало 2195 Ковид пациенти. Од нив 102-ца биле на респиратор повеќе од 15 дена. Ова е и најсложената и најскапа здравствена услуга и за еден пациент од фондовската каса на Клиниката и биле префрлени по 5000 евра.

За 2020 кога почна Ковид пандемијата од Фондот велат дека немаат можност да извадат податоци затоа што после 6 месеци почнаа да се користат пакетите за лекување на Ковид.

-Пациентите се кодираа со различни дијагнози (се ставаа дјагнози и за ковид и за болести во склоп на ковид (на пр. пнеумонии и сл.), се добиваа различни ДСГ кодови, а од септември почнаа да се користат специфичните пакети за лекување на Ковид во болнички услови, велат од ФЗО.

А за тековната 2022 година здравствените услуги допрва ќе се фактурираат.

Инаку сите пациенти со Ковид хоспитализирани во Јавните здравствени установи со уредба на Владата во април 2020 беа ослободени од плаќање за лекувањето, истото важи и за граѓаните кои не се осигуреници на Фондот.