По 4 дена од ДУИ порачаа дека не се совршени, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ја префрлаат вината за бегството на Груби
По четири дена молк за бегството и кривичната за Артан Груби, ДУИ испратија писмено соопштение. Иако неговото име не е споменато никаде, од партијата на Ахмети тврдат дека до ова немаше да дојде ако ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го прифатеа Законот за рестриктивни мерки кои го поднесоа нивни министри. Закон кој предвидуваше воведување строги ограничувања за лица ставени на црната листа на САД поради корупција.
- Оваа хипокризија е очигледна: тие што го спречија усвојувањето на построги мерки се истите што денес претендираат да имаат морална надмоќ. ДУИ не е совршена, ниту пак тврди дека е. Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се трудиме да се подобриме во служба на граѓаните. Сепак, ги отфрламе политичките кампањи мотивирани од двојни стандарди. Нашето досегашно делување зборува само за себе: додека другите избираа да ги блокираат реформите, ние бевме иницијатори и поддржувачи на истите, стои во писменото соопштение.
Власта и опозицијата и денеска си ја префрлаат вината за бегството на Груби.
СДСМ бара оставка од Тошковски бидејќи според нивни информации полицаецот кој го пуштил Груби да ја мине границата е личен избор на Тошковски, а вчерашното соопштение дека тој е еден од двајцата суспендирани полицајци е обид за заташкување на случајот.
- МВР вчера соопшти дека се изречени суспензии за двајцата полицајаци. Но, внимавајте што се случува, полицаецот Б.Ј истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити, или пак чека да се забоошоти целата ситуација? И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава?, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека за криминалите на Груби во Државна лотарија знаеле сите во СДСМ, но не рагирале за да не падне владата.
- И МВР под капата на СДС знаеле за криминалот на Груби. Со години немало никаква реакција од институциите под капа на СДС, затоа што раководството на таа партија сакало да остане на власт по секоја цена. ВМРО-ДПМНЕ со години зборува за криминалот на Груби, но СДС дозволија тој да метастазира до невидени размери. СДС се целосно виновни за грабежот кој го приреди Груби, вели Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ
Груби да се врати во државата и да не го срами албанскиот народ, побараа и од коалицијата Вреди.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар