Македонија
26. July 2020 - 19:37

За битолчани Охрид е прв избор

Охридското Езеро е најчестата дестинација за битолчани кои оваа година ќе се одлучат да одат на одмор. Дел од нив сметаат дека сега не е време да се оди на одмор заради ситуацијата, но оние кои ќе се решат на ваков чекор нивниот прв избор е Охрид.

-Каде да одиме, се плашиме до продавница, не одиме никаде.

-Малку во Охрид, јас држам дистанца.

-Не може на своја рака да се оди во вакви услови.

-Не се плашам од вирусот бидејќи пазам на се, до Охрид ќе одиме.

-И да одам, во Охрид, велат битолчани.

Ова го потврдуваат и од туристичките агенции.

-За Струга исто така има интерес, за Преспа или Дојран нема интерес, најмногу има интерес  за Охридското Езеро и за планинскиот туризам, Берово, Галичник, Маврово, каде можат луѓето да се одморат, вели Елизабета Кочева Јосифовска, туристички работник.

Пред да се одлучат дали ќе одат на одмор, битолчани се интересираат за безбедноста и заштитата.

-Сите пред да резервираат прашуваат како се протоколите, се интересираат како оди појадокот, како се запазени протоколите, на плажа, базен, како се почитуваат, вели Кочева Јосифовска.

Туристичките работници велат дека има граѓани кои не се информирани дека може да летуваат во Албанија и Турција без негативен тест и самоизолација, но оние кои знаат и сакаат да одат на море ги користат понудите.