Балкан
25. July 2024 - 15:09

Вучиќ: Просечната плата во Србија првпат надмина 100.000 динари

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека првпат во земјата просечната плата ја надминала сумата од 100.000 динари односно 855 евра и оцени дека земјата е на одличен пат, јави дописникот на МИА од Белград.

Во видеопорака објавена на Инстаграм, Вучиќ кажа дека добил податоци за просечните плати за мај и дека просечната плата во главниот град е поголема од 1.000 евра.

Во Белград просечната плата е 1.075 евра, во Нови Сад 982 евра, во Ниш 813 евра и се приближува до просекот, изјави претседателот на Србија.

Тој додаде дека просечната плата во Бор е 1.025 евра и дека овој податок покажува дека „добрите инвестиции и визионерските политики даваат резултати“.

Тој повтори дека просечната плата во 2027 година ќе биде 1.400 евра, а пензијата 650 евра и ги повика граѓаните да му помогнат да ја оствари таа цел.