Втор ребаланс на буџетот: Се кратат приходи и расходи, дефицитот останува ист
Антикризните мерки ја натераа Владата по вторпат да ја прекрои државната каса. Годинава ќе се соберат околу 6,1 милијарда евра, а ќе потрошат околу 6,8 милијарди евра. Тоа значи дека приходите ќе бидат за околу 86 милиони евра помали од првично планираното. За истиот износ се намалуваат и расходите. Дефицитот останува околу 753 милиони евра, или 4,1 процент од БДП.
„Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови со непроменет приоритет: заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“, вели министерката за финансии, Кочоска.
Најголем удар врз приходите има кај акцизите на горивата. Од нив ќе се соберат 62 милиони евра помалку од планираното. Кратење има и кај трошоците. Ќе има помалку пари за стоки и услуги, субвенции и за дел од капиталните проекти. Но, според Кочоска, не се кратат пари од проекти кои веќе се започнати, туку главно од оние кои сè уште не почнале или доцнат.
„Ги намалуваме расходите таму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети, но не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливи категории и за здравствени услуги“, рече министерката.
И покрај кратењата, Владата вели дека продолжуваат големите инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10д, автопатот Скопје-Блаце, железничките проекти, како и инвестициите во водовод, канализација, реконструкција и изградба на училишта, спортски сали, студентски и ученички домови…
Економскиот раст останува на 3,5 проценти. Кај инфлацијата, пак, прогнозата е намалена на 3,8 проценти. Кочоска вели дека според пресметките може да биде и пониска, но Владата остава простор поради нестабилноста на меѓународните пазари.
„Во последните 2-3 дена, во последнава недела навистина има многу големи промени коишто се случуваат и коишто имаат негативно влијание за целата европска економија, меѓутоа и на светско ниво, и не можеме да знаеме до кога тоа ќе трае. Повеќе од јасно е дека неизвесноста е огромна и од таа причина внимававме многу во проекциите“, кажа Кочоска.
Од СДСМ, пак, велат дека ребалансот се прави бидејќи нема пари за плати и пензии.
„Затоа нов ребаланс. Втор само два месеци после последниот ребаланс. Ребалансот не е заради некакви мерки за горивата, тоа е уште една лага, ребалансот е поради катастрофалната состојба со буџетот и потфрлањата во приходите“, кажа Симона Цветановски од СДСМ.
Деновиве државата се задолжи за 150 милиони евра. Првично било планирано да се земат до 250 милиони, но поради високите камати на светските пазари Владата одлучила да земе помал износ. Каматата на заемот е 5,25 проценти, а парите ќе се користат за враќање на долгови и камати кои доспеваат до крајот на годината.
Ново задолжување ќе има и следната година. Во март треба да се вратат околу 500 милиони евра само по основ на главницата на еврообврзницата, плус камати и други долгови.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
