Македонија
8. October 2026 - 16:30

Три станови гаранција за Груби

Три станови во сопственост на поранешниот прв вицепремиер, Груби и неговото потесно семејство е гаранцијата која тој ја понуди во замена за неговиот пасош, откри бранителот Гоце Ристески. Но зошто на Груби му е потребна патната исправа?

- Тоа не можам да ви одговорам зошто му треба пасошот. На секој граѓанин за слободно движење му треба пасош. Гаранцијата е инаку, појака мерка од мерка на претпазливост, одземање на патна исправа. По сила на Закон, куќниот притвор му истекува на 13-ти. Легитимно право е на обвинетиот, преку одбраната што поднесе такво нешто, вели Ристески.

На денешното рочиште сведочеше директорот на Секторот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Александар Андонов. Тој ја објасни процедурата на спроведување на јавната набавка за која рече дека е спроведена по претходно донесените Финански план и План за јавни набавки, но кажа и дека ВЛТ апаратите никогаш не биле искористени и биле оставени во магацините на Државна лотарија

- Исказот на денешниот сведок ја потврди нашата инволвираност на Артан Груби во јавната набавка, во работењето на Државна лотарија. Сведокот објасни како функционирала јавната набавка, што дејствија се преземени и слично. Едноставно, нас, ништо не нѐ допре, што би било спротивно на нашата теорија на случај, рече Ристески. 

На претходното рочиште, првиот сведок, директорот за игри на среќа, Владо Петковски беше прогласен за непријателски сведок од страна на Обвинителството откако обвинителите не ги добија посакуваните одговори, откако тој кажа дека не знае дали Груби и второосмничениот, Перпарим Бајрами се познавале, дали се пријатели и дали се среќавале. Обвинителите најавија дека по наредното рочиште, закажано на 20 октомври ќе кажат зошто Петковски не ги дал посакуваните одговори и што тие ќе преземат понатаму.

На следното рочиште одбраната треба да ги соопшти своите сведоци. На листата се очекува да се најдат поранешни министри во Владата, меѓу кои речиси со сигурност ќе биде поранешниот министер за финансии, Фатмир Бесими.