Македонија
11. јуни 2016 - 13:18

Врачени „Рациновото признание“ и „Почесното Рациново признание“ за 2016 година

Во големата сала на Новиот театар во Велес синоќа на  53. „Рацинови средби“ свечено беа врачени „Рациновото признание“ за 2016 година кое за првпат го поделија двајца писатели од младата генерација: Сашо Димоски за романот „Петтото годишно време“ и Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“.

Членот на жири комисијата која одлучуваше за наградата проф  д-р Јелена Лужина истакна дека откако е востановена наградата  за првпат се доделува рамноправно на двајца млади автори: Сашо Димоски има 30, а Владимир Јанковски 39 години, и ако се соберат нивните години и поделат на два ќе се добие 35 години колку што Кочо Рацин имал кога млад починал.

Владимир Јанковски во изјавата за МИА потенцира дека оваа награда со името на Рацин многу му е значајна.

- Воедно оваа награда ми значи бидејќи ја имаат добиено некои од моите омилени македонски писатели од кои сум учел што е литературата и јазикот, бидејќи еден од начините на којшто тој дише, се развива и функционира е преку литературата. Добивањето на оваа награда значи и инспирација да  продолжам  и натаму да се пишувам, потенцира Јанковски.

„Почесното Рациново признание“ за 2016  му беше врачено на проф. д-р Борислав Павловски од Загреб, по потекло од Македонија, а за неговата афирмација  на македонскиот јазик и литература во странство. Павловски  работи на Катедрата за македонски јазик и литература на Загребскиот Филозофски факултет.

Има објавено педестина трудови меѓу кои неколку посветени на животот и делото на Рацин, а од македонски на хрватски превел драми, како и  македонски романи, а го има изработено и првиот македонско-хрватски и хрватско-македонски речник.

При добивањето на наградата на свечената бина пред присутните тој презентира една штотуку преведена песна на Рацин од неговата „Антологија на болката“ . Најави дека наскоро од македонски на хрватски јазик ќе ја преведе  и издаде и целата стихозбирка „Антологија на болката “.

- Го добивам затоа што се надевам сум го оправдал со многу труд. Јас имам преведено над 40 наслови на македонските книжевни дела на хрватски јазик и уште многу други трудови. Работам на катедрата за македонски јазик и литература во Загреб, на која покојниот професор Круме  Кепески веќе тогаш сериозно се занимавеше со Кочо Рацин и неговиот опус, а  има напипшано и дисертација која за жал му ја имаа одбиено и никогаш не е објавена, а тој  нема докторирано. Јас добивајќи ја оваа награда чувствувам дека со неа е вратен долгот кон овој голем човек, мој професор, потенцира Павловски.

Тој истакнува дека Рацин е синоним за Велес и Македонија и според него не  е само револуционер и поет, туку и нешто многу повеќе, а понатамошните истражувања, како што најави Павловски, треба да дадат и нови сознанија за големината на Коста Солев Рацин.

Свеченоста беше збогатена со настап на црковниот хор „Свети Пантелејмон“ под диригенство на проф. Славица Ставрева, со што заврши и програмата на годинашните 53. Рацинови средби во Велес.