„Вокална магија“ во Филхармонија со солистот Милан Силјанов
„Вокална магија“ е насловен вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија на кој како солист ќе настапи наградуваниот бас-баритон Милан Силјанов, а диригент ќе биде Емил Табаков од Бугарија.
Вокалниот уметник од Швајцарија, кој има македонско потекло, ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“ од Густав Малер.
Силјанов е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа.
Студирал на познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на проф. Рудолф Пирнеј. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015) организиран од „Вигмор Хол“, а во 2014 година освоил прва и втора награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија.
По потекло е Македонец и се чувствува, вели, како Македонец. - Сепак, имам и швајцарски пасош, па се чувствувам и како Швајцарец. Тоа за мене воопшто не претставува дилема, затоа што моето срце неуморно чука за двете држави и култури. Како дете, заедно со мајка ми, секое лето ја посетувавме Македонија и нашето семејство. Тоа ни беше посебна традиција, а летните одмори ми дадоа можност да ја запознаам Македонија што повеќе. Дружбата со моите роднини ми овозможи и да го подобрам мојот вокабулар. Секојпат кога доаѓам во Македонија, всушност се враќам дома, вели Силјанов.
Настапот со Македонската филхармонија ќе му биде прв професионален настап во Македонија. - Исклучителна чест ми е да дебитирам во таква прекрасна сала. Со нетрпение очекувам да музицирам со оркестарот и маестро Табаков, и знам дека прекрасниот звук ќе ја изненади и публиката, и мене, додава Силјанов.
На програмата вечер е и експресивната Симфонија бр. 6 од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од неговите највлијателни.
Ново на Сител
-
Меџити: Во владата нема преговори за промена на грбот
-
Меџити: Се уште не е договорено името на новиот државен обвинител
-
Собранието ги изгласа заклучоците и препораките за поголема безбедност во сообраќајот
-
Грипот се уште “тресе” – ризичните групи најмногу на удар!
-
Пожар во Кисела Вода – повредени 4 лица
-
Меџити: Имаме поважни работи од промена на грбот и химната
-
По најавите на Трамп за зголемување на царините, македонските компании будно ја следат состојбата
-
Одложен тендерот за центарот за управување со отпад кај с. Мечкуевци