Македонија
2. November 2015 - 15:25

Во Тетово средба на градоначалникот Арифи со поранешниот хрватски претседател Месиќ

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ денеска во зградата на локалната самоуправа во Тетово се сретна со градоначалничката Теута Арифи.

Аспирациите на Македонија за евроатланстката интеграција и бегалската криза во Македонија и во Хрватска, биле главните теми на кои разговарале на средбата Арифи и Месиќ.  

Според Месиќ, бегалската криза ги изненади сите во светот, а очигледно е, рече, дека тие што ја предизвикаа кризата не ги зедоа предвид последиците од неа.

- Бегалската криза не може да се реши само со помош на бегалците. Треба да им се помогне и тоа максимално, но проблемот мора да се реши на изворот, таму каде кризата е предизвикана, а тоа значи со политички средства, а не со воени, изјави Месиќ.

Градоначалничката  Арифи истакнала дека членството на Македонија во ЕУ останува стратешки приоритет на државата.

Месиќ присутвуваше и на промоцијата на неговата книга „Како се распадна Југославија“ што се одржа во ректоратот на Државниот универзитет во Тетово и за која зборуваа професорите на ДУТ Зеќирија Реџепи и Фехри Рамадани.

Во април 2012 година поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ од страна на тогашниот градоначалник Сади Беџети беше прогласен за почесен граѓанин на Тетово.