Македонија
17. јуни 2018 - 9:02

Во Охрид 51. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Во Охрид денеска ќе биде отворен 51. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура и 45. Меѓународна научна конференција, во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како што информира организаторот, овие важни меѓународни манифестации одиграа голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.

На Меѓународниот семинар досега учествувале над 4.300 учесници од над 50 држави, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот.

Семинарот, како што се наведува, својата стручно-научна дејност на подрачјето на македонистиката ја започнал скромно, а до денес непрекинато се развива и израсна во афирмирана наставна, научна и културна институција единствена од ваков вид во Македонија и стана ценет славистички центар.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе се одржува до први јули во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.