Македонија
24. October 2024 - 12:51

Во МНР средба на македонско-бугарската историска комисија

Македонските и бугарските историчари денеска после подолг период ја имаат првата средба на мешовитата историска комисија, откако македонскиот тим од историчари е со нов состав.

Пред почетокот на средбата, претседателот на бугарскиот дел од Комисијата Ангел Димитров на прашање од новинарите какви се неговите очекувања од средбата изјави дека не може да каже ништо пред таа да се случи, но и дека не ги познаваат доволно новите членови на комисијата.

И историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, синоќа во Тема на денот на Сител изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече дека ќе работат растоварени од какви било политички влијанија.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев. Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.

Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања беше одржана во мај во Софија.