Македонија
23. January 2025 - 12:30

Вешти лица - Илијевска убиствата ги извршила во афект, стравувајќи за сопствениот живот

Продолжи судењето на 36 годишната кратовчанка Вангелица Илиевска во Основниот суд – Куманово. Илиевска се товари за сторено тешко кривично дело, дека во јуни минатата година во семејната куќа во Кратово ги убила сопругот и свекорот. Според нејзиниот бранител, доказите изнесени од вештите лица на барање на обвинителството покажале дека се работи за жена која подолг временски период била жртва на психо-физичко малтретирање, а со екстремната реакција, всушност се спасила самата себе си.

- Била уплашена за себе и за својот живот, била буквално давена и немала друг начин и излез, освен да посегне по единственото нешто со цел да се одбрани и да спречи против себе против правен напад. Ове вешти лица во целост се согласија и со мислењето на вештото лице ангажирано од страна на одбраната, дека обвинетата делувала во одбрана на самата себе си. Со тоа, самата правна квалификација на „убиство со умисла“ до крајот на постапката ќе биде променета и ќе се потврди институтот на „нужна одбрана“, изјави Христијан Георгиевски, адвокат на обвинетата

Овој случај, според Георгиевски, треба да биде еклатантен пример до што може да доведе континуираното семејно насилство и како да се ескивира ваков или сличен епилог.

- Сметам дека и сите присутни и целата македонска јавност треба да даде поддршка на долгогодишните жртви на семејно насилство, за што порано да излегуваат од овој вртлог на насилство во кој ќе се најдат, што порано да пријавуваат до надлежните институции, до Центрите и другите згрижувачки установи, додаде Георгиевски

Следното рочиште е закажано за крајот на февруари, со сослушување на сведоци и разгледување на писмените докази на одбраната. Вангелица во моментот е во домашен притвор, но не смее да ги гледа двете малолетни деца.