Македонија
26. February 2019 - 14:35

Во Куманово одбележан денот на Првиот механизиран пешадиски баталјон

Припадниците на првиот механизиран пешадиски баталјон, денеска во кумановската касарна „Боро Менков“ со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата, 26 февруари и 75 годишнината од формирањето на Третата македонска ударна Бригада.

Честитајќи им го Денот на единицата, командантот на првата механизирана пешадиска бригада, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски  укажа дека оваа единица се одликува со висок  степен на борбена готовност, професионализам и примена на стандардните оперативни процедури за учество во операции предводени од НАТО.

– Ни претстои година со големи предизвици како што се имплементацијата на стратегискиот одбранбен преглед и трансформација на Армијата според новата организациско-формациска структура што подразбира интензивирање на реформите во одбраната. Паралелено со овие процеси пред нас е и организацијата и учеството во најголемата меѓународна вежба во историјата на АРМ, „Одлучен удар“ во која покрај Армијата на САД, најбројни ќе бидат припадниците на Првиот механизиран пешадиски баталјон, рече Ѓоргоски.

Командантот на гарнизонот, Стојанче Костов се осврна на историјата на формирањето на Третата македонска ударна бригада, нејзините борбени дејствија и учеството во НОБ.

– Горди сме што сме припадници на АРМ со врежан херојски и патриотски дух на нашите предци од НОВ, Илинденците и сите борци кои низ вековите наназад го дале својот живот за слободата на Македонија-рече потполковник Костов.

Тој додаде дека во изминатата година баталјонот, учествувал во повеќе  вежбовни активности во и надвор од  државава  и оти во наредниот период ќе продолжи со професионално извршување на мисиите.

На свеченоста беа прочитани телеграми со честитики, доделени стимулативни мерки и благодарници. Присутните имаа можност да разгледаат дел од опремата и вооружувањето, возилата со кои располага АРМ.

На прославата присуствуваа претставници од команди, поранешните команданти на единицата, преставници од државна управа, јавните установи и служби, градоначалниците и преставниците на единицате на локалната самоуправа, правни и физички лица.