Бизнис
7. April 2016 - 20:13

Во Крушево ќе се гради фабрика за преработка на тутун

Најголемата грчка компанија за преработка на тутун „Секе“ во индустриската зона во Крушево ќе гради фабрика за преработка на тутун. Компанијата денеска со крушевските локални власти го потпиша договорот за купување 4 хектари земјиште во зоната.
 
Според генералниот директор на грчката „Секе“ Александрос Контос инвестицијата почетно изнесува 5 милиона евра и ќе обезбеди работа за 250 до 300 работници. За Крушево се одлучиле, како што рече, бидејќи е познат регион на тутунот и има добри и стручни работници.
 
- Крушевскиот регион е еден од поголемите производни региони за тутун. Тука има голем број професионалци кои работеле и работат со тутунот. Тоа е како регион за нас доста прифатлив за инвестицвија. Наидовме на добри пријатели, професионалци и луѓе, посебно со градоначалникот на Крушево кои ќе ни помогнат да ја реализираме инвестицијата во овој регион, вели Контос.
 
Според договорот инвеститорот купува 4 хектари од индустриската зона. За почеток фабриката ќе биде  на 15.000 метри квадратни. „Секе“ кој е десеттиот лиценциран откупувач на тутун во земјава веќе има склучено договори со тутунари од целата земја за откуп на еден милион килограми тутун од новата реколта. Прво, додека до крајот на годинава се изгради фабриката, компанијата ќе работи во изнајмен магацин за да се префрли во нивата хала, појаснува грчкиот инвеститор.
 
Според градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески, ова е голема инвестиција за Крушево.
 
- Ова значи буквално, економски препород за градот, за општината во која речиси три децении не е инвестирано. Се отвораат 250 до 300 реални работни места, директни работни места, додека економскиот бенефит за градот и за регонот ќе биде далеку поголем, вели Дамчески.
 
Со оваа прва инвестиција, всушност е ставена во функција крушевската индустриска зона „Опалени“. Фабриката треба да биде готова до крајот на годинава. Локалните власти најавуваат нови инвестиции.