Македонија
27. March 2018 - 12:52

Во Гевгелија не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем

 На подрачјето на полициската станица од општа надлежност во Гевгелија не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем или пак нарушувања кои можат да ја вознемират јавноста и да предизвикаат загриженост, освен убиството на 23 ноември кое беше веднаш расветлено и виновниците беа приведени и предадени на ОЈО Велес за понатамошна постапка.

Ова е неведено во извештајот за состојбата на јавната безбедност на подрачјето на општина Гевгелија во втората половина од 2017 година што го поднесе командирот Миле Ангелков, а беше прифатен од општинските советници.

Во наведениот период биле пријавени вкупно 171 кривично дело по приватна тужба од кои 78 се целосно расчистени, документирани и проследени до надлежните органи. Од нив во 77 пријави преовладуваат кражбите, 46 пријави се однесуваат на оштетувања на предмети и 28 пријави се поднесени за загрозување на сигурноста.

По начинот на сторување и висината на причинетата материјална штета, тие не треба да предизвикуваат загриженост кај граѓаните на општина Гевгелија, се вели во извештајот.