Македонија
15. July 2016 - 21:02

Во Гевгелија ќе се гради депонија за комунален отпад од времен карактер

Советот на општина Гевгелија донесе одлука со која утврди локација за изградба на мини депонија за комунален отпад од времен карактер, која ќе се гради во близина на Ново Коњско на земјиште во државна сопственост со површина од 20.000 метри квадратни.

Градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов информира дека потребата од мини депонијата се наметнала поради двојно зголемените количини на отпад, како резултат на бегалската криза и недоволниот капацитет на депонијата во Гевгелија.

Тој истакна дека депонијата од времен карактер ќе функционира се до отворањето на Регионалната санитарна депонија во рамки на Југоисточниот плански регион, која е предвидено да се гради во Добрешево.

Проектот ќе се финансира преку УНДП програмата од доделениот грант од јапонската влада, која обезбеди околу 2,3 милиони денари како поддршка на згрижувачките општини Гевгелија и Куманово, кои беа директно погодени од транзитот на околу еден милион бегалци.

Франгов информираше дека покрај изградбата на времената депонија, дел од средствата од јапонскиот грант ќе бидат употребени за реконструкција на бунарите за вода за пиење кај Вардар, чиј капацитет ќе се зголеми од 50 на 100 литри во секунда.