Македонија
3. December 2024 - 18:03

ЈСП има нафта за уште 3 до 5 дена - Тендерот за набавка заврши, ама не се знае дали е успешен

Тендерот за набавка на нафта за ЈСП заврши, но неизвесноста продолжува – засега не се знае дали воопшто некој конкурирал на огласот. Од Бирото за јавни набавки за Сител велат:

„Имајќи ја предвид проценетата вредност на набавката, извесно е дека постапката ќе дојде во управна контрола во Бирото по сила на закон, но тоа се случува на крајот, откако ЈСП ќе ја донесе одлуката за избор или за поништување на постапката. Дури во тој момент Бирото ќе добие пристап до целокупната документација од спроведената постапка. За сите информации во поглед на постапката, Ве упатуваме да се обратите до ЈСП Скопје“.

Од ЈСП молк. Директорот Кушовски не кажува дали тендерот е успешен и дали сметката на претпријатието е одблокирана?

Од синдикатот на возачи во ЈСП велат ако е блокирана, тендерот ќе пропадне.

„Па сигурно дека ќе пропадне ако е блокирана сметката. Како ќе се исплатат долговите, платите и ред други работи. Моментално знам дека се уште е блокирана, ако денеска нешто се случило, немам информација дека е одблокирана сметката“ – Африм Муча, претседател на независен синдикат на возачи

Според Муча, нафта од државните резерви има за уште 3 до најмногу 5 дена. Што ќе биде потоа, не знаат ни вработените. 

Од Владата велат дека ќе го почекаат исходот од тендерот.

„Да видиме какви ќе бидат состојбите за да не давам одговор од аспект на хипотетичка ситуација. Факт е дека не може претпријатието да функционира постојано на ваков начин на кој функционира. Се надеваме дека ќе се консолидираат и дека ќе размислуваат за доброто на граѓаните, а не за други цели и интереси“ – Марија Митева, портпаролка на Владата

Во јавниот превоз од вчера се вклучија и приватните превозници, но не сите, туку само оние кои имаат финансиска можност за тоа, бидејќи, како што велат, ЈСП има неплатен долг кон нив веќе неколку месеци. Во меѓувреме тие ја чекаат новата цена по изминат километар која треба да биде пресметана во следните две недели.