Македонија
24. October 2016 - 16:30

Во добра здравствена состојба се петмината пациенти на токсикологија кои завчера се затруле со печурки

Во добра здравствена состојба се петмината пациенти на Токсикологија кои завчера се затруле со печурки. Уште двајца членови од семјеството меѓу кои и 14 годишно дете биле само амбулантски третирани и се пуштени дома.

Печурките ги набрале во Сопиште каде и живеат и мислеле дека добро ги познаваат.

За среќа, според лекарите, не биле толку отровни за да им предизвикаат сериозни компликации.

-Направивме анализи, сега ги чекаме резултатите. Добро се, како што кажаа ги береле печурките во планина и мислеле дека ги знаат. Апелираме, по незнам кој пат, да не јадат такви печурки за кои не се сигурни туку подобро да ги купат од место каде се проверени, вели др. Наташа Симоновска, од Токсикологија

Лекарите потврдуваат дека на Клиника паметат повеќе случаи на пациенти кои не успеале да ги спасат по птетходно труење со печурки. Посебно опасни се оние од видот аманита кои предизвикуваат сериозни компликации.

Познавачите на печурките предупредуваат дека нивното берење е многу поопасно и поризично во есенскиот период, кога има многу печурки двојници кои се отровни.

Токсиколозите предупредуваат дека сериозните симптоми за труење со печурки не се јавуваат веднаш по нивното јадење. Може да поминат и 24 до 48 часа  додека отровите не го нападнат црниот дроб или бубрезите.