Бизнис
17. јуни 2019 - 16:32

Во Администрација се уште се завршува работа со врски и пријатели - има ли решение?

Со врски и пријатели се уште најбрзо се добиваат јавни услуги. Токму тоа, според граѓаните, е најголем проблем во администрацијата и јавниот сектор, покажуваат истражувањата на невладините. Дигитализацијата на услугите би ја променила оваа слика, но дури 80 отсто од граѓаните попрво би отишле на шалтер, отколку работите да си ги завршат онлајн.

-Со дигитализацијата секако ќе биде исклучен во голем дел човечкиот фактор. Значи дека навистина ќе има поголема достапност и поголема еднаквост за граѓаните. Оттука сакаме да работиме на поголема инклузија на граѓаните. Секако, ќе се работи на дигитална писменост на населението. Но, не може да ги избегнеме модерните текови. Се надеваме дека сега ќе започнат, а во следните генерации апсолутно ќе се користат само дигитални услуги, вели Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени.

И Министерството за администрација ќе ги обучува граѓаните како онлајн да бараат услуги за да заштедат на време. Но за да се подобрат состојбите во јавниот сектор потребни се и кадровски промени.

-До крајот на годината ќе ги имаме првичните сознанија со што се располагаме во јавната администрација. Односно, ќе ја имаме законската рамка како ќе се водиме. Ќе ги распределиме луѓето на оние места каде што ќе бидат најпотребни, бидејќи факт е дека имаме позиции каде што имаме превработени, имаме позиции каде што недостасуваат вработени, вели заменик-министерот за администрација, Александар Бајдевски.

До крајот на годината треба да почне и префрлувањето работници од јавен во приватен сектор. Синдикатите, пак, бараат стопирање на вработувањата, бидејќи бројот на административци драстично би се намалик поради пензионирањето.