Македонија
16. February 2017 - 18:02

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги манипулира вработените во администрацијата

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение оцени дека СДСМ ја манипулира јавноста, а особено вработените во администрацијата.

- И во изминатата година во која имаа шанса да бидат дел од извршната власт, не понудија ниту една идеја за унапредување на јавните услуги, туку ги блокираа институциите со држење секојдневни прес-конференции со цел ширење дезинформации, навредување, етикетирање и омаловажување на вработените во јавната администрација, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ на тема администрација. 

ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, продолжува со позитивен, одговорен и партнерски однос кон граѓаните и компаниите.

- Во програмата „Реално“ е понуден концепт на сервисна ориентираност на институциите преку воведување едношалтерски системи, сали за јавни услуги, општински канцеларии за административна помош, воведување работна сабота и воведување флексибилно работно време. Ваквиот сеопфатен и добро промислен сет од мерки ќе обезбеди широк дијапазон на услуги адаптирани на потребите и можностите на граѓаните, се наведува во реакцијата.