Македонија
5. August 2017 - 16:40

ВМРО-ДПМНЕ предупредува: Членот 12 од договорот со Бугарија е најризичен

Членот 12 од договорот за добрососедство со Бугарија е особено штетен за иднината на Македонија, предупредува ВМРО-ДПМНЕ. Овој дел од договорот предвидува формирање на заедничка меѓувладина комсија која еднаш годишно ќе врши увид во ефективната примена на договореното, што според опозицијата остава простор Бугарија на легална основа да ја блокира Македонија на евроатлантскиот пат.

Заедничката меѓу владина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно со цел за преглед на ефективната примена на овој договор. Што значи тоа? Тоа значи дека оваа меѓувладина комисија зависно од политичкото расположение во соседна Софија, зависно од тоа дали тие сметаат дека некој учебник е доволно изменет, дека некој споменик е тргнат или корегиран, дека некоја историска личност или настан е прилагоден на нивните желби. Преку оваа меѓувладина комисија за надзор и спроведување на билатералниот договор ќе добијат легално право да ја попречуваат Македонија во своите аспирации, рече Милошоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека потпишаниот договор е особено опасен доколку дојде до промена на власта во Бугарија. Суштинските недостатци во иднина ќе отвораат многу спорни прашања помеѓу двете земји и затоа опозицијата бара Владата да се повлече од овој процес додека се уште не е доцна.

 Нема да ја гради довербата помеѓу македонскиот и бугарскиот народ напротив ќе отвора дополнителни стереотипи. Ние ќе направиме се во Собранието на Република Македонија овие теми да ги отвориме. Но укажавме и пред да биде потпишан договорот, кажуваме и денес откако еден договор ќе биде потпишан во Собрание истиот нема можност да биде надополнет со било какви амандмани.

Преку писмено соопштение реагираа од СДСМ од каде велат дека Договорот со Буарија става крај на изолацијата на Македонија и обезбедува регионален напредок.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е во интерес со националните и државни интереси и во интерес на граѓаните на Македонија и Бугарија. Со потпишување на Договорот, се затвори едно отворено прашање, се направи крупен чекор кон евро-атлантските интеграции, се унапредува економијата и целосно се заокружува железничкото поврзување помеѓу двете земји, се вели во реакцијата на СДСМ.