Македонија
12. September 2019 - 15:28

ВМРО-ДПМНЕ: На Заев му е потребно ЈО кое е продолжена рака на власта

Зоран Заев ги минираше преговорите за да го заштити својот и криминалот во своите редови. Затоа не сака независно обвинителство водено од обвинител на предлог на опозицијата, туку сака уште една компромитирана институција како СЈО преку која ќе си го прикрива криминалот.

Зоран Заев се плаши од независна истрага за случајот „Рекет“, затоа што знае дека исказите на жртвите и вмешаните водат до главата на криминално рекетарската банда. Никој веќе не верува дека Боки или Катица на своја рака, без насоки и заштита од политичкиот врв влегле во ова крими авантура.

На Заев му е потребно ЈО кое е продолжена рака на власта, на Заев му е потребно баш вакво јавно обвинителство за да го затвори случајот „Рекет“, без притоа јавноста да ги дознае вистинските нарачатели.

Власта се плаши од независна истрага, зошто така ќе се дознае и каде завршиле парите од снимката која сите ја видовме, но и каде завршиле сите останати рекетирани пари за кои има сериозни индиции. Заев е исплашен да не се дознае и дали токму со тие пари е финансирана кампањата на Пендаровски!?

Заев се плаши од независно обвинителство затоа што знае дека со разврска на случајот „Рекет“ јавноста ќе дознае дека рекетот е вршен со амин и за потребите на криминално рекетарската власт.

Заев е во паника и затоа не сака независно обвинителство. Паниката и стравот се вистинскиот мотив поради која Заев ја спасува Катица Јанева во Собранието.

Зоран Заев со своето однесување, а воден од себичните побуди да се спаси од одговорност за криминалите по не знам кој пат, ја загрозува европската иднина на Македонија.

Доколку Заев навистина е за примена на европските вредности, а не за заштита на криминалот тој ќе ги прифатеше предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кои се во насока на заштита на Уставот, законите но и меѓународните конвенции и пракси.

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ будно го следи случајот и целата негова разврска. Доколку власта продолжи да го одолговлекува случајот и се обиде на било каков начин да влијае на истрагата, ќе ги објавиме документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги има исто така и ЈО.

Порачуваме никој да не се осмелува да си игра со правдата, зошто одговорност за ова незаконие ќе има, и секој индивидуално ќе се соочи со санкциите.

Прашања

Прашање: Од СДСМ ве обвинуваат дека со тоа што велите дека поседувате некои документи за исказите од случајот „Рекет“, со тоа ја поткупувате истрагата од случајот „Рекет“, како го коментирате вие тоа? И за некои медиуми од обвинителството велат станува збор за кривично дело?

Одговор: Благодарам на прашањето. Видете, во изминативе години се изнагледавме буквално стотици, илјадници емисии по речиси сите медиуми каде што се објавуваа записници со имиња и презимиња, значи никој не го покрена ова прашање. За нас како што кажав и сега, како што кажа и претседателот Мицкоски вчера овие документи се доставени од свиркачи. Ние и имаме регулатива за тоа. Од друга страна оние што ги доставиле увиделе дека станува збор за прикривање, станува збор за водење на постапка на незаконит начин. И исто како и нас борејќи се за правда и правичност, за доследна примена на законите ги доставиле затоа што веруваат дека нема да оставиме така да се заврши. Меѓутоа еве ги повикувам доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека не уапсат.

Прашање: Повикан ли е Христијан Мицкоски за да даде некои информации?

Одговор: Од она што знам, со информациите со кои што располагам до овој момент до прес конференцијата, не.

Прашање: Очекувате ли да ве повикаат?

Одговор: Видете во оваа држава веќе и најнеочекуваното очекувано е. Не гледам никаква причина освен нели паничниот, небулозен обид на Заев, на некој начин да се обиде да го сврти вниманието од себе, можеби и помалце или повеќе онаа несреќна изјава која што ја кажа дека можеби на крај случајот водел до Мицкоски. Така да се е очекувано во оваа држава, со оваа влада криминално рекетарска како што неколкупати напоменав.

Прашање: А, свиркачите ви се од обвинителство?

Одговор: Значи тие информации барем сега за сега ќе останат за тие што ги знаат.

Прашање: Значи очекуваме да има правда, но еве излегуваат документи, значи де факто судството нешто не е како што треба?

Одговор: Тука се согласувам со вас апсолутно дека ниту судството, ниту обвинителството е како што треба. Поголема нефункционалност, компромитираност, постапување по исклучиво политичката волја на поединец или поединци во оваа криминално рекетарска власт никогаш немало во историјата на Република Македонија. Токму затоа предупредуваме и кажуваме дека будно ќе го следиме случајот и доколку видиме дека било какво постапување има со кое што се обидуваат да скријат нешто, дека ќе излеземе и ќе ги објавиме.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, говорник: Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ