ВМРО-ДПМНЕ ја оспорува победата на СДСМ во Ново Село
Се уште е неизвесно дали вонредните избори за градоначалник во општина Ново Село и официјално ќе бидат прогласени за завршени или пак ќе има прегласување. Епилогот се очекува утре откако ДИК ќе го разгледа приговорот кој бил поднесен од страна на ВМРО ДПМНЕ за едно од гласачките места. Никола Андонов, кој беше кандидат на СДСМ, во неделата прогласи победа, но за официјализирање на истата ќе се чека на седницата на ДИК.
Според информациите од општинската изборна комисија, приговорот се однесува на едно од избирачките места во селото Сушица за кое од страна на ВМРО ДПМНЕ била поднесена забелешка дека бројот на употребените гласачки ливчиња и потписите не се совпаѓаат. Целиот изборен материјал од ова избирачко место на кое има запишано 794 избирачи веќе бил доставен до ДИК и истиот се очекува да биде разгледан на утрешната седница.
Доколку ДИК го прифати приговорот, на спорното избирачко место за две недели повторно ќе биде организирано гласање. Во случај приговорот да биде одбиен подносителот има рок до недела да поднесе тужба до управниот суд чија одлука е конечна. Доколку нема жалби изборниот процес ќе биде завршен, а конечен ќе се смета резултатот од 5 ти мај кога кандидатот на СДСМ освои 2885 гласа од граѓаните кои излегоа на изборите или 19 повеќе од кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за кого гласаа 2866 гласачи.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар