ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во недела избираат партиски лидер
Двете најголеми партии во недела влегуваат во партиски изборни процеси.
Ковачевски, Деспотовски и Ременски атакуваат за најголемата фотелја во владејчката партија. За да стигнат до неа ќе им треба мнозинство од сите членови на партијата кои имаат електронски членски книшки. Ќе се гласа на 194 избирачки места во општинските организации почнувајќи од 8 наутро па се до 19 часот.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја подигна внатрепартиската демократија на највисоко ниво, членовите избираат претседател на непосредни избори со тајно гласање, со што се поставува нов стандард на македонската политичка сцена.“ – велат од СДСМ во писмено соопштение.
Новиот претседател на СДСМ не се очекува да донесе некои големи промени во актуелното раководство на партијата. Извори од Бихаќка за Сител велат дека Сања Лукаревска ќе остане како заменик. Нов Генерален секретар се очекува да биде Миле Зечевиќ а кон раководството да се приклучи и Андреј Жерновски. Сепак многу ќе зависи и од тоа кој ќе победи на изборите.
И додека во СДСМ и може да се каже дека има некаква неизвесност во ВМРО-ДПМНЕ од сега е јасно дека Мицкоски ќе добие нов мандат бидејќи до овој момент се уште нема противкандидат. Иако рокот за кандидирање истекува пред почетокот на гласањето, извесно е дека никој друг нема да има шанси кај овие 518 делегати со право на глас чии имиња партијата минатата недела ги објави на својот веб сајт.
Во пресрет на Конгресот Мицкоски најавува нови доктрина на ВМРО-ДПМНЕ но и значителни кадровски освежувања.
„Ќе понудам кадровски и концептуални промени. Промени кои јас ги дефинирам како засилување, но и нова фаза во делувањето што ќе подразбира и отворање кон пошироката јавност и мобилизација на интелектуалните и општествени капацитети кои ќе ги ставиме во функција на напредокот и изградбата на земјата “ – вели Мицкоски во интервју за Скопје1.
Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ е редовен изборен конгрес бидејќи завршува 4 годишниот мандат на Мицкоски.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
