Македонија
14. January 2021 - 12:37

Власта се уште не го објавува Анексот на Договорот со Бугарија

Власта се уште не го објавува Анексот на Договорот кој официјална Софија го доставила до македонската страна. Опозицијата и денеска преку писмено соопштение побара од власта да не ги крие од граѓаните деталите на Анексот обвинувајќи ја Владата дека е најголем извор на лажни вести.

„СДСМ и Зоран 3аев залудно се обидуваат да го сокријат Анексот кој им е врачен од Бугарија. АнЕ со 12 точки е доставен до оваа ненародна Влада во кој се бара ревидирање на историјата, промена на образовниот систем и идентитетските прашања. Овој Анекс власта на Заев веќе го преговара, што покажува дека Заев и СДСМ веќе тргуваат со историјата и идентитетот“ - обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Власта пак со контраобвинувања. Според нив ВМРО-ДПМНЕ е партијата која шири лажни вести бидејќи како што велат за идентитетските прашања не се преговарало.

„Една иста расипана плоча, едни исти лаги кажани 100 пати се вртат во белиот дворец. Дезинформации и конструкции кои немаат допир со реалноста. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, партија потврден извор на лажни вести, партија која знае само за лаги, деструкции, блокади и антидржавно дејствување. Но, колку пати и да излажат, нивната лага нема да стане вистина“ - велат од СДСМ.

Сепак, од владејчката партија се уште не откриваат што содржи Анексот на Договорот кој го предложила Бугарија. Паралелно, пратениците во Собранието повторно прават обид да добијат отчет од министрите Димитров и Османи кои се уште избегнуваат да се појават пред надлежната комисија во законодавниот дом.