Македонија
1. April 2019 - 16:13

Власта и опозицијата утре во нов обид да најдат решение за иднината на СЈО

Нов обид на власта и опозицијата да изнајдат решение за законот за јавно обвинителство Преговарачкиот тим на СДСМ предводен од министерката Рената Дескоска и  тимот на ВМРО-ДПМНЕ предводен од адвокатот Тони Менкиновски утре по четврти пат ќе се обидат да го дефинираат статусот на специјалното јавно обвинителство каде што разликите се и најголеми.

На средбата во министерството за правда Дескоска и Менкиновски ќе тргнат од истите позиции. За СДСМ СЈО треба да биде посебно обвинителство во рамките на републичкото. Позицијата на Јанева е загарантирана. За ВМРО-ДПМНЕ Јанева треба да замине од функцијата, СЈО да биде само одделени во рамките на обвинителството за организиран криминал и корупција.

Премиерот Заев веќе најави дека очекува поголем исчекор од оваа рунда разговори. Но преговарачки извори коментираат дека утре можни се отстапки само за дел амандмани на опозицијата што се однесуваат на работата на државното обвинителство.

Додека траат преговорите, власта се обидува да обезбеди 80 пратеници и без партијата на Хрстијан Мицкоски. Веќе имаше средби со БЕСА и со Алијансата на Албанците кои бараат неограничен мандат на обвинителството на Јанева. Заев имаше состанок и со 8-темина независни од ВМРО-ДПМНЕ, кои исто така најавуваат свои забелешки на законот, но не откриваат во која насока.

Од друга страна, пак, иако законот се уште нема собранискиот спикер Талат Џафери и министерката Дескоска влегоа во дебата за тоа дали парламентот треба да работи за време на претседателската кампања за тој да биде донесен законот за СЈО.