Македонија
14. October 2019 - 21:48

Владата вечерва заседава во Битола

Во Битола вечерва Владата на Република Северна Македонија ја одржува 159. редовна седница на која учествуваат министрите и градоначалниците на општините во пелагонискиот регион.

Во наредниот период, еднаш месечно и во различни региони ќе се одржуваат владини седници затоа што сакаме да бидеме уште поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа, истакна премиерот Зоран Заев пред почетокот на владината седница.

-На оваа седница приоритет ќе дадеме на информациите и одлуките за проектите од непосреден интерес на граѓаните на пелагониските општини. Министрите ќе реферираат за ресорните проекти кои се однесуваат на овој регион, а градоначалниците низ инклузивен однос ќе поставуваат прашања и ќе ги истакнат своите предлози, проекти и нови иницијативи со кои ќе продолжиме заеднички да го подобруваме животот на граѓаните. Покрај дискусиите кои се однесуваат на проектите од пелагонискиот регион, вечерва очекувам да донесеме и други одлуки, како што е одлуката за склучување договори за доделување финансиска поддршка за 166 компании од државата преку програмата и планот за економски раст. Владата ќе поддржи инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјишта, а финансиската поддршка од оваа програма преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се доделува на реализирани почетни или дополнителни неопходни за дејноста проекти, до 10 проценти од реализираната инвестиција и не повеќе од еден милион евра по проект, изјави премиерот Заев.

Уверен сум, додаде тој, дека на овој начин на дејствување на централната власт од различни региони уште повеќе ќе го поддржиме процесот на децентрализација обезбедувајќи директен контакт со локалните самоуправи и со граѓаните. Оваа Влада, потенцира премиерот, е на граѓните и продолжува да функционира во нивно име.

Во име на пелагониските градоначалници и како претседател на Советот за развој на пелагонискиот плански регион, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека оваа Влада за разлика од сите претходни покажува отвореност кон општините и посветеност кон граѓаните и нивните потреби.