Македонија
28. March 2018 - 15:10

Владата продолжува со грижата за лицата со попреченост

Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретнаа со претставници на Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија, со кои разговараа за изнаоѓање начини за подобрување на програмските активности на инвалидските организации со цел да се направи најсоодветна социјална инклузија на оваа категорија граѓани.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, станало збор и за одлуката на Владата за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2018 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација на здруженија за борба против семејното насилство, како и Црвениот крст на РМ.

- Целта на Владата е да продолжи да донесува наменски законски решенија за да се подобруваат условите за лицата со инвалидност. Постојано сме насочени кон подобрување на квалитетот на животот на овие наши граѓани, рекол Заев на средбата.

Додал дека Владата е сервис на сите граѓани подеднакво и ги повикал претставници на лицата со инвалидитет и попреченост да ги изложат своите проблеми и да учествуваат во процесите за наоѓање најсоодветни решенија.

- Со денешните претставници се среќавам често и се обидуваме на различни начини да помогнеме да се обезбедат и искористат средствата за финансирање на нивните програмски активности на законски начин, транспарентно и отчетно, рекла Царовска на средбата.

Истовремено, на претставниците на националните инвалидски организации, здруженија и асоцијации, Царовска им понудила помош за почитување на законитоста при поднесување на соодветните проекти и програми, а за кои се наменети средства од Владата.

Претставниците на Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија, изложиле дел од актуелните проблеми, кои се однесуваат пред се на потребата од пренамена на финансиски средства, како и недостаток на соодветни помагала за одредена категорија инвалидизирани лица, со кои се соочуваат, а за кои добија ветувања дека ќе се усогласат и ќе се најде соодветно решение.