Преглед на вестите од светот
Најмалку 53 лица загинаа во силен земјотрес од 7,1 степен што утринава го погоди хималајскиот регион на Тибет во југозападна Кина. Многу згради се урнати, објавија кинеските државни медиуми. Според првичните информации, повредени се над 60 лица, а уништени се над илјада куќи, се уште е рано да се процени бројот на жртвите.
Земјотресот во 9:05 часот по локално време бил на длабочина од 10 километри, соопшти Центарот за земјотресни мрежи на Кина. Околу 1.500 пожарникари и спасувачи се ангажирани да бараат луѓе под урнатините, соопшти кинеското Министерство за вонредни состојби.
Саша Милосављевиќ е убиен од полицијата во Индустриската зона во Јагодина. Тој синоќа уби сопственикот на кафаната во Јагодина, Дејан Михајловиќ и тешко рани уште едно лице. 47-годишниот Милосављевиќ е убиен во полициска акција. Веста ја потврди министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Тој изјави дека припадници на Специјалната антитерористичка единица во Јагодина го убиле Саша Милосављевиќ, кој за време на акцијата пукал кон Специјалната антитерористичка единица (САЕ).
Русија соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз Курахове во областа Доњецк, додека Украина истакна дека уличните борби во Курахове се уште траат. Руското напредување на фронтот овозможува и да се забрзаат нивните напори за контрола на целиот Доњецк.
Според украинските извори тешко е да се даде точна проценка на територијата контролирана од Украинската војска во градот. Инаку украинските вооружени сили ја прошируваат својата контролирана област во насока Курск, која потенцијално би можела да биде заменета за земјиштето кое моментално го држи Русија.
Снежното невреме, донесе снег, мраз и ниски температури на дел од територијата на САД, при што околу 60 милиони луѓе низ десетина сојузни држави од Канзас до Њу Џерси се под предупредувања и совети за зимски временски услови. Снегот го намали движењето и во главниот град Вашингтон, а предвидувањата беа дека снегот ќе продолжи да врне.
Делови од северна Кина забележаа најниски температури оваа зима при што термометрите паднаа на минус 40 степени Целзиусови. Иста температура беше измерена и во Монголија, додека во Алонгшан живата падна на минус 44 степени Целзиусови, што е најниска температура во градот оваа зима. Некои градови беа обвиткани со ледена магла, што значително ја намали видливоста и покрај екстремните температури, реката Хумар продолжува да тече, прикажувајќи уникатен спектакл.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар