Македонија
19. јуни 2018 - 17:50

Владата ја одржа 75.седница

На денешната 75-та владина седница министрите ја усвоија информацијата за предлог - договорот за доделување на државна помош на друштво за производство и трговија „Теламон Европа Македонија ДООЕЛ Скопје“.

Како што информира владината прес-служба, станува збор за нова инвестиција во Република Македонија, која изнесува четири милиони евра. Според бизнис планот на компанијата, предвидени се 300 нови вработувања во првите пет години. Компанијата „Теламон“ произведува машини за спојување автоматски машини за сечење кабли, ленти, машини за пресекување и затворање. Инаку, компанијата е една од најголемите во САД и свои претставништва има на девет локации: Индијана, Илиноис, Калифорнија, Арканзас, Охајо, Њу Џерси, Канзас и Мисури, два меѓународни капацитети во Кина и еден во Мексико. Фабриката во Република Македонија ќе биде четврти меѓународен капацитет и седиште на Теламон - Европа.

Владата на седницата донесе одлука за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и за висината на закупнината, а потоа го усвои нацрт – договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште, како и ја прифати нацрт – одлуката за давање на согласност на договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште.

Владата на 75-тата седница ја усвои предлог - завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, со конечен извештај на овластен државен ревизор. Во завршната сметка е констатирано дека минатата година капиталните инвестиции изнесувале 19,8 милијарди денари, вкупните приходи биле 179,706 милиони денари, додека вкупните расходи 196,561 милион денари. Според анкетата на работна сила, бројот на вработени во 2017 година се зголеми за 2,4 отсто во однос на 2016 година, со што просечната стапка на вработеност достигна 44,1 отсто, а стапката на невработеност се намали на 22,4 отсто. Просечната бруто-плата во 2017 година забележа раст од 2,6 отсто на номинална основа, со тенденции на повисок раст во последната третина од годината, како резултат на покачувањето на минималната плата.

На предлог од Mинистерството за труд и социјална политика, министрите го прифатија предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација. Со него се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Целта на овој закон е да се гарантира принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

На предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Владата ја усвои предлог - програмата за капитални трансфери за центри за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој. Со оваа програма ќе се реализираат активности за поддршка на плански региони со цел имплементација на проекти за подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачја на интензивна земјоделска дејност. Средствата за реализација на програма се утврдено во Буџетот на Република Македонија за 2018-та година и изнесуваат 30 милиони денари.

Како материјал за информирање Владата го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Јавна установа за деца - детска градинка на Општина Центар - 13 Ноември Скопје, предложен од Државниот завод за ревизија. Ревизијата во извештајот изразува неповолно мислење во однос на вистинитото и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности во финансиските извештаи за 2016-та година, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Владата на седницата ја прифати информацијата за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ на река Стровија и пропратни објекти КО Стровија, во општина Долнени, со предлог-одлука.

Исто така министрите го прифатија и предлог – законот за изменување на Законот за основање на Технолошко – техничкиот факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

На денешната седница, Владата одлучи да му предложи на Собранието претседател и членови на Регулаторната комисија за енергетика и тоа Марко Бислимоски, за претседател, а Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани за членови.

Исто така, Владата на седницата го именуваше Александар Дамески за директор на КПУ Затвор, Прилеп.